За Библијата

Постанок, Преводи на Стариот и Новиот Завет, Прашања, Читање, Проучување ...повеќе

Артикли

Многу луѓе преку историјата и денес се обидуваат да ја оспорат Библијата на еден или на друг начин. Но никогаш не можат да застанат против фактот што Божјиот Збор или Библијата е единствената Книга на светот која може да менува човечки животи. ...повеќе

Библиотека

Основни животни прашања, Христијански пораки и теми, Апологетика, Книги ...повеќе

















ВНИМАНИЕ! ОПАСНО ЗА ЖИВОТОТ!

   По автопатот, додека доаѓав кај вас и мислев на предавањето што требаше да го одржам,постојано ме прогонуваше мислата: „Внимание! Опасно за животот!" Познато ви е дека денес луѓето по правило не умираат стари и во кревет. Денес се доживува несреќа, или се добива инфаркт. Некогаш луѓето живееле по 90 години, а потоа легнувале и умирале. Денес тоа не е случај. Денес авион експлодира над океан: 80 луѓе се мртви. Автобус се урива во провалија: 60 луѓе се мртви. Настанува експлозија во фабрика: пак мртви. Во рудниците во Рурската област постојано гинат луѓе. Секои дваесетина години се води по една голема војна. Во Првата светска војна умреа 2 милиони, во следната 5 милиони. Ние живееме во постојана опасност.

   Кога така си размислувам, често си велам: Ние речиси и немаме шанса да умреме удобно, во кревет. Замислете дека денес во десет часот ви се случува несреќа. Тоа е можно, зар не? Каде ќе бидете во 11 часот? Што ќе се случи со вас? Дали за тоа барем еднаш сте размислувале?

1. Сериозноста на ситуацијата

   Ќе ви раскажам една интересна случка што не сум ја доживеал лично јас, туку сум ја чул од мојот дедо. Тој знаеше фантастично да раскажува.

   Еднаш едно момче дошло кај својот стар чичко и му рекло: „Чичко, честитај ми. Ја завршив матурата." „Прекрасно!" рекол чичкото. „Еве ти 20 марки, купи си за награда нешто убаво. Но, кажи ми, што планираш сега?" „Сега?", одговорило момчето, „сега ќе студирам. Сакам да станам правник." „Убаво", рекол чичкото, „а потоа?" „Потоа, извесно време ќе бидам судски приправник." „Одлично", рекол чичкото, „а после?" „После, ќе сганам член на окружниот суд." „Многу добро", рекол чичкото, „а што следи потоа?" „Е па, тогаш ќе си побарам некоја девојка и ќе се оженам, ќе основам семејство." „Супер!" вели чичкото. „А после?" „Па добро, се надевам после да станам некој славен човек, претседател на окружен суд, или јавен тужител." „Одлично", вели чичкото, „а што потоа?" „Па добро чичко", младичот почнал да станува нервозен, „потоа ќе дојде време и да остарам и да се пензионирам". „Многу добро, а што следи потоа?" „Е па, добро, потоа ќе си одберам некој убав плац, ќе си направам куќичка, ќе си насадам јаготки." „Добро", вели чичкото, „а што потоа?" Младичот веќе се налутил: „После ќе дојде ред и да умрам!" „А, така", вели чичко му, „а што следи потоа?" На момчето веќе не му било забавно. Го фатил страв при помислата на смртта: „Ќе умрам, а што потоа?" „А што потоа???" прашал чичко му. „Чичко", одговорило момчето, „за ова никогаш не сум размислувал." „Како?" рекол чичкото, „ти си завршил матура и толку ли си глуп, па размислуваш само од денес до утре? Зар еден човек, кој од Бог добил разум, не размислува и за иднината? Како така?" Момчето брзо одвратило: „Чичко, што има по смртта никој не знае!" „Тоа не е точно, момче мое", рекол чичкото, „има Еден кој со сигурност знае што иде по смртта. Тоа е Исус. Тој рекол: 'Широк е патот што води во пропаст, а тесен е патот што води во вечен живот.' По смртта доаѓа Божји суд. Може да се оди во пропаст, но може и да се биде спасен."

   Морам да ве предупредам дека не е доволно да се испланира животот до гробот. Треба да се запрашате: Што следи потоа?

   Како пастор на младите, јас често вака им објаснувам: Ако имам чифт чевли за поправка, јас не одам кај автомеханичар. Автомеханичарите се добри луѓе, но од чевли ништо не се разбираат. Јас за чевлите одам кај чевлар. Но кога имам проблем со колата, јас не одам кај чевларот, туку кај автомеханичар. Кога сакам печиво, не одам кај месар во месарница. Тие се добри луѓе, но ништо не знаат за печивото. Кога ми треба печиво, јас одам кај пекар. Кога ќе ми прсне водоводна цевка, јас одам кај водоинсталатер. Значи, секогаш барам специјалист. Но кога сакаме да знаеме што иде по смртта, се информираме кај ојле и дојле, или се потпираме на својот „здрав" разум. Зар за ова важно прашање - 'што следи по смртта?' - нема да прашаме специјалист?! А кој е специјалистот? Кој е стручњакот? Има само еден специјалист. Тоа е Божјиот Син, Кој дојде од другиот свет и Кој самиот се спушти во царството на мртвите. Тој умре на крст и пак оживеа. Тој добро го знае ова и вели: „Ти одиш кон пеколот! Но можеш да влезеш и во рајот!" И да се соберат 25 професори и да ми речат: „Co смртта се се завршува!" - јас пак ќе им речам: „Секоја чест на вашите големи титули, но вие не сте специјалисти за оваа проблематика. Вие не сте биле од онаа страна, a jac познавам Еден што бил таму: Исус. Тој ме учи поинаку."

   Луѓето денес живеат на свој ризик, имено, се однесуваат како со смртта се да завршува, или како да се подразбира дека ќе отидат на небото, под услов да се крстени и да ги погреба свештеник. Но јас ве уверувам дека пеколот ќе „врие" од луѓе што се крстени и што биле погребани со свештеник. Дали ви е јасно? Вие се наоѓате во непосредна и многу опасна состојба. Ние сите, кој порано, кој подоцна, ќе застанеме пред Божјиот суд!

   Морам да ви кажам дека токму тоа е причината зошто јас денес се наоѓам меѓу вас. Кога бев момче, воопшто на ум не ми паѓаше дека еден ден ќе бидам на проповедална. Во Првата светска војна бев млад офицер. Во мојот полк имавме големи загуби. Јас бев офицер како и другите, ни полош ни подобар. Но некој да ми речеше: „Ти еден ден ќе проповедаш по црквите", в лице ќе му се насмеев. Јас лично можам да ви посведочам: Бев далеку од Бог. Татко ми еднаш ме праша: „Зар не веруваш во Бог?" Јас му одговорив: „He сум толку будала да го негирам Бог. За да бидеш атеист треба да си многу глупав, a jac не сум. „Но", реков тогаш, „не сум имал средба со Бог. Затоа Тој не ме интересира." Набргу по овој разговор се најдов со еден мој другар, исто така млад поручник, во ров покрај патот на маршот за Франција. Чекавме наредба за напад. Раскажувавме глупави вицови - оние што служеле војска знаат за што зборувам. Гогаш раскажав еден „мрсен" виц, но пријателот не се насмеа. „Кучеру," викнав, така му беше името, „зошто не се смееш?" Во тој миг тој се преврте и, видов - веќе беше мртов! Едно мало парче од граната беше го погодило право в срце. Стоев така млад и зелен крај трупот на мојот другар, од почеток не многу возбуден: „Колку неучтиво од твоја страна пријателе, отиде без да го дослушаш мојот виц!" Но во истиот миг ме прободе мислата: „Каде е тој сега?" Како сега да се гледам во тој ендек покрај патот, кога ме исполни силна заслепувачка светлина како од атомска бомба: „Па тој сега стои пред Светиот Бог!" Следната мисла беше: „Да седев јас на неговото место, а тој на моето, сега јас ќе бев пред Бог!" He пред некаков господин бог, туку пред Бог, Кој ја открил Својата волја, ги дал заповедите, и јас сите сум ги прекршил - исто како и вие. Има луѓе чии гревови се креваат до небо, а сепак велат: „Правам добро и не се плашам од никого." Немојте да се залажувате. Во истиот миг знаев: сум ги прекршил сите заповеди! Сега да ме погоди куршум, и ете ме мене пред Бог!" Веднаш ми стана јасно: „Тогаш ќе завршам во пеколот!" Тогаш дојдоа војници со коњи. „Тргнувајте напред!" Јас јавнав коњ. Мојот мртов другар остана да лежи таму. Тогаш, за првпат по многу години, ги склопив рацете и се помолив: „Драги Боже, не дозволувај да загинам се додека не се осигурам дека нема да завршам во пеколот!"

   Подоцна отидов кај воениот свештеник и го прашав: „Господине, што треба да направам за да не одам во пеколот?" Тој ми одговори: „Господине поручниче, мораме прво да победиме, да победиме, да победиме!" „Ни вие тоа не го знаете!" му одвратив.

   Зар не е потресно тоа што илјадници одат во смрт и нема кој да им објасни како можат да се спасат? И тоа среде еден „христијански" народ! Ќе паднев во очај, ако еден ден (тоа не можам да го раскажам во подробности) не ми допаднеше в раце еден Нов Завет. Уште се сеќавам на тој настан што се одигра во околината на една француска куќа зад линијата на фронтот. „Нов Завет", си помислив, „овде стои сè како треба да се спасам!" Прелистував набрзина, бидејќи добро не се снаоѓав во оваа книга. Тогаш очите ми застанаа на еден единствен стих: „Исус Христос дојде на светот за да ги спаси грешниците." Тоа беше како удар на молња. „Грешници" -тоа сум јас, никој не треба повеќе да ми објаснува.

   Зар нема и вие да признаете пред Бог и луѓето: „Јас сум грешник!" Престанете со вашето погрешно самооправдување. Во тој миг не ми требаше свештеник. „Јас сум грешник!" Тоа ми беше јасно. Сакав да бидам спасен. He знаев што е всушност тоа. Единствено разбрав: Да се биде спасен значи да се излезе од состојбата во која се наоѓав, да се најде мир со Бог. „Исус Христос дојде на светот за да ги спаси грешниците." Кога Исус тоа може, јас сакам да Го пронајдам Исус! Тоа траеше уште неколку седмици. Барав некој да ми покаже како да дојдам до Исус. Никој не можеше да го стори тоа. Тогаш направив нешто што би му го препорачал на секого од вас. Се заклучив во една стара француска селска куќа (уште се наоѓавме на марш). Речиси таа беше уништена, напуштена куќа, но една соба се уште беше цела. Во бравата се наоѓаше клуч. Влегов, се заклучив одвнатре и паднав на колена, па реков: „Господе, Исусе! Во Библијата стои дека Ти си дошол од Бога 'да ги спасиш грешните'. Јас сум грешник. За иднината не можам да ветам, бидејќи имам лош карактер. Но јас не сакам да дојдам во пеколот, ако ме погоди куршум. Затоа, Господе, Исусе, јас Ти се предавам од глава до петици. Прави со мене што сакаш!" He ce слушна никаков татнеж, никакво посебно движење, но кога излегов надвор, знаев дека го најдов Господ и дека сега сум негов. Оттогаш, кога имав само 18 години, секој ден гледам во каква ужасна опасност живеат луѓето. Живеат без проштавање на гревовите. Дали вашите гревови се простени? Како ќе поминете на Божјиот суд? Луѓето живеат без да имаат мир со Бог. Живеат без да се обратени. Живеат малку обоени со христијански лак и боички, но длабоко во нив чука немирно, необратено срце. Добро слушнете го ова: Бог не сака никој да оди во пеколот. Тоа Бог никако не го сака. Напротив, „Бог сака на сите луѓе да им помогне да ја запознаат вистината". Затоа Тој Го прати Својот Син. Но, пријатели мои, и ние мораме да дојдеме кај Исус. И ние мораме да станеме Негови. А тоа како „христијаните" во Германија и на други места во светот се однесуваат кон Бог и спасението преку Исус, нема да излезе на добро. Од тоа морници ме лазат. Сфатете дека се наоѓаме во огромна животна опасност, бидејќи неизбежно се движиме кон Божјиот суд.

   Во мојата младинска група имав едно симпатично момче. Тој доаѓаше редовно на нашите библиски часови. Беше тоа во времето на Хитлеровиот Трет Рајх. Еден ден мораше да се приклучи кон националсоцијалистичките образовни курсеви, и тогаш престана да доаѓа на нашите проучувања. Јас веќе не го гледав. Сепак, еден ден налета на мене. „Добар ден Гинтер!" му реков. „Хајл Хитлер!" одврати тој. „Гинтер, како си, одамна не сум те видел?" го запрашав јас. Тој се исправи и изјави: „Мојата девиза гласи: 'Прави добро и не плаши се од никого.' Ако нешто не чини во мојот живот и ако има Бог, јас како чесен човек ќе одговарам пред Hero. Ho не ми треба жртвен јарец, Исус, да умира за мене!"

   Гледам пред себе милиони луѓе како одат со него и мислат на ист начин: „Правам добро и за мојот живот ќе одговарам пред Бог." Драги пријатели, јас лично не би сакал пред Бог да се повикувам на мојата праведност, бидејќи знам дека, ако постапам така, сум го обрал бостанот. Помирете се со тоа дека мораме да застанеме пред Божјиот суд! Сакам да ве предупредам. Мене морници ме лазат кога ќе помислам како луѓето ќе застанат пред Божјиот суд!

   Уметникот Ернст Марлах направил прекрасни скулптури. Освен тоа, тој напишал и едно драмско дело, „Русокосиот Бол". Русокосиот Бол е еден земјопоседник кој е секогаш малку синкав во лицето. Еднаш тој добро се натрескал и напил и на дневна жега излегол на градскиот плоштад во малото гратче. Застанал пред црквата на чии порти биле претставени херувими што дуваат во труби. Гледајќи ги така херувимите, наеднаш му се сторило дека тие оживеале и дека трубат за Божји суд: „Сега почнува Божјиот суд со луѓето!" Марлах буквално ги запишал овие зборови: „Станете сите мртви од вашите гробови! Излегувајте! Нема приговори!" Тогаш на Русокосиот Бол му стана јасно: „He може да се побегне од Божјиот суд. Еднаш ќе морам да застанам пред Hero со сета моја беда!" Сите ние длабоко во себе знаеме дека со нашата самоправедност „прави добро и не плаши се од никого" нема да стигнеме далеку. Божјиот суд сигурно доаѓа. Сета наша самоправедност ќе се растопи како восок на оган.

   Јас добро знам дека ваква порака денес не е радо слушана. Кога им велам на луѓето: „Ако не му се предадете на Исус сигурно одите во пеколот!", тие со потсмев ми одговараат: „Пекол! Тоа е средновековен поим. Такво нешто не постои!" Кога го слушам тоа, секогаш се сеќавам на една случка што морам да ви ја раскажам.

   Тоа беше за време на војната. Сакав да посетам некои мои познати. Кога веќе бев тргнал, почна воздушен напад. Дотрчав во најблискиот бункер и почекав додека да мине тревогата. Продолжив понатаму и стигнав во населбата каде што одев. Таа се уште си стоеше на своето место, но сите дваесетина куќи, колку што ги имаше, беа сосема пусти. Си помислив: „Да не е ова сон! Сите куќи си стојат, а од луѓе ни трага ни глас!" Сретнав еден човек од цивилната заштита и го прашав: „Зошто сите луѓе побегнале?" Тој ништо не ми рече, туку ме зеде за рака и ме одведе во една од зградите, па ме доведе до еден прозорец. Тогаш ја видов причината: куќите беа наредени околу една зелена полјана, а среде полјаната лежеше огромна авионска бомба, голема колку котел на парна локомотива. Јас реков: „Неексплодирана бомба!" „He, не!", одговори човекот. „He e неексплодирана бомба. Тоа е бомба со временски програмирана запалка!" Тоа беа многу подмолни бомби. Тие не експлодираа при падот, туку можеби 5 или 20 часа подоцна. Обично тие бомби експлодираа кога луѓето ќе се вратеа од скривниците. „Поради ова сите се избегани!" продолжи човекот. „Дали слушате како отчукува?" Навистина, можеше да се чуе дури и чукањето на временската запалка. Бомбата секој миг можеше да експлодира. ,Да одиме одовде." му реков на човекот од цивилната заштита. „Овде не е пријатно!" Се повлековме подалеку, каде што имаше малечко засолниште, во случај бомбата да експлодира. Во истиот миг видов нешто смешно: Јато врапци долетаа и весело се спуштија врз бомбата. Едно од нив дури стоеше на врвот, кај запалката. Викнав гласно: „Бегајте, врапци, опасно е!" Врапците како да ми одговорија со живо џивкање: „Ха, ха! Ние сме напредни! Кој денес верува во бомби? Бомбите се безопасни!"

   Дали разбирате? Такви се и денешните луѓе! Бог многу сериозно ни зборувал досега преку Библијата, преку судовите, односно страдањата низ кои поминал нашиот народ. Синот Божји дошол на овој свет, бил распнат на крст и воскреснал. Секој може да сфати дека Бог е свет Бог. Кога некој ќе дојде и ќе рече: „Вие сте во опасност! Морате да се погрижите за спасението на вашите души!", тогаш луѓето се смеат и велат: „Ха, ха! Ние не веруваме во такво нешто!"

   Библијата знае да биде иронична. Сиот атеизам и негирањето на Бог се споменати само на едно место, со само една реченица. Таа гласи: „Безумниот си рече во своето срце: 'Нема Бог.'" Така Библијата зборува за атеизмот. Се надевам дека вие нема да го прифатите атеистичкиот поглед на свет.

2. Како да се спасите?

   Бог веќе еднаш овој свет го казнил со тешка казна. Само еден човек со своето семејство се спасил. Човекот се викал Ное. Нему Бог му дал совет да изгради ковчег односно кораб уште пред на настапи казната. Дали ви е позната историјата за потопот? Ако не ви е позната, можеби ќе се засрамите и нема да признаете дека не знаете. Уште пред да настапи судот, Бог му рекол на Ное: „Влези во коработ ти и твоето семејство!" Ное влегол, а Бог ја затворил вратата зад него.

   Сфатете: Светот веќе се движи во пресрет на праведниот Божји суд, но постои кораб за спасување: Тоа е милоста понудена во Исус. Тој дошол од Божјиот во нашиот беден свет, умрел за нас на крст. Треба да го сфатите ова: Кога Бог дозволил Неговиот Син да умре на страшен начин на крст, тогаш Тој со тоа дело остварил спасение и за најголемиот грешник. Тој воскреснал од мртвите и не вика преку Светиот Дух. Исус е коработ. Како тогаш Бог што му рекол на Ное: „Влези во ковчегот ти и твоето семејство!", така Тој преку мене ве моли: „Влезете во милоста наречена Исус Христос! Направете го чекорот кон измирување со Бог! Прекинете со сè што ве задржува! Кажете му на вашиот Спасител: 'Доаѓам како многу голем грешник!' Положете ја сета вина пред Неговиот крст! Верувајте дека Неговата крв била за вас пролеана! Кажете му: Тосподе, јас ти го предавам целиот мој живот!'" Вака се влегува во овој кораб.

   „Внимание! Опасно за животот!"
   Колкаво мноштво луѓе одат необратени и наполно незаштитени во пресрет на Божјиот суд! Сепак, огромната милост е тука. Да се верува значи да се направи еден чекор од Божјиот суд кон Христовата милост. Тoj чекор не е играчка. Тој значи спас од животната опасност!

   Познатиот мисиски инспектор Алберт Хофман, мисионер од Нова Гвинеја, еднаш ми раскажа една случка што никогаш нема да ја заборавам. Јас му реков: „Брате Хофман, имам тешка борба во мојот христијански живот. He e лесно ниту за еден пастор да му припаѓа на Исус во еден свет што му служи на ѓаволот и ита кон пеколот." Тогаш тој ми рече: „Ќе ти раскажам нешто. На Нова Гвинеја имавме обичај Папуанците што сакаа да станат христијани да ги поучуваме за вистински Христови следбеници. Еден неделен ден приготвивме крштевање. Тоа секогаш беше голема свеченост. Доаѓаа да присуствуваат и многу незнабошци. Но решавачкиот чекор секогаш се случуваше една вечер пред крштевањето. Тогаш се палеше голем оган. Кандидатите за крштевање истапуваа напред. Во своите раце тие ги носеа сите прибори сврзани со нивното идолопоклонство: средства за правење маѓии, кипчиња, амајлии. Пристапуваа кон огнот и ги фрлаа овие знаци на нивниот претходен живот во силниот пламен. Еднаш посматрав една млада жена. Таа пристапи кон огнот со раце полни со сликички на идолите и амајлии. Но во мигот кога сакаше да ги фрли во огнот, таа немаше сила. Сигурно си мислеше: 'Co ова живееја моите предци. Co ова е поврзано сето мое минато. Од ова сепак не можам да се одделам!' Таа се повлече. Но веројатно и дојде друга мисла: 'Но вака не можам да му припаѓам на Исус!' Потоа пак тргна три чекори напред, но пак од тоа не можеше да се оддели и пак се повлече. Тогаш и пристапив" - ми раскажуваше мисионерот Хофман понатаму -„и в[ реков: 'Многу ти е тешко! Можеш да се јавиш на наредните крштевања.' Тогаш младата жена се замисли малку подолго, но потоа брзо направи три чекори напред и ги фрли работите во огнот, па се урна онесвестена на земја." Никогаш нема да ги заборавам зборовите на мисионерот Хофман, тој херој на верата, со лице како извајано во камен. При разделбата ми рече: „Верувам дека само оној што доживеал вистинско обраќање може да ја разбере возбудата на оваа жена."

   Драги пријатели, потребен е само еден чекор за да влезете во коработ. Надвор е опасно за животот, a внатре - прегратката на Исус. Но тој чекор не е детска играчка. Тој значи прекин со минатото. Но, треба да ви биде јасно: Поевтино не е можно!

   Дали бев доволно јасен? Секогаш се потресувам кога гледам колку многу луѓе, и покрај многуте предупредувања, итаат кон нивната вечна пропаст. Тоа на Бог не му е мило. Тој сака да бидете спасени. Затоа и го пратил својот Син. Затоа и платил за вашата вина. Треба само да си ја признаете својата вина и отплатата на Исус да ја прифатите со вера.

   За време на Третиот Рајх, кога пак бев викнат во Гестапо, чекав во една просторија во која имаше голем број полици со документи. Имаше цели ридишта документи поврзани во снопови. Од секоја папка висеше висулче со натпис - презиме: „Маер, Карл!" или „Шулце, Фридрих". И така, бидејќи морав многу долго да чекам, му благодарев на Бог што не морав да го минувам животот меѓу сите тие документи. Од здодевност, почнав да ги читам натписите: „Маер, Карл!" , „Шулце, Фридрих". Наеднаш прочитав: „Буш Вилхелм!" Значи имаше папка и за мене! Одеднаш полиците веќе не ми беа здодевни. Замислете, тука беа документи и за мене! Имав силна желба да ги отворам и да прочитам што напишале овие типови за мене. Но на тоа не смеев ни да помислам. Така останав треперејќи при помислата: „Моето досие!"

   Гледате, така и за мене некогаш беше Христовиот крст.,Имаше време во мојот живот кога ништо не ми беше поздодевно од христијанството. Поинтересни ми беа кафеаните - се до моментот кога го забележав Христовиот крст во вистинска светлина: „Се работи за моето досие!" Оттогаш, Христовиот крст за мене е најинтересното нешто на светот. О, гледајте го човекот со трнова круна! Тој е Спасителот! Таму, на крстот, Тој заработил спасение за мене и за тебе! Ако досега не си знаел, тоа се однесува и лично на тебе. Ах, јас го подигнав гласот. Знам дека треба да говорам потивко, но како да се остане рамнодушен при една ваква порака!

3. Од смрт во живот

   „Внимание! Опасно за животот!" Ова се зборови што би сакал да ви ги кажам и од друг агол. Кога ми блесна во мислите: „Внимание! Опасно за животот! Стоп! Човече, обрати се! Побарај го својот Спасител!", тогаш одеднаш си помислив: „Па во животна опасност може да се наоѓа всушност само оној што е жив!" Кога автобусот ќе се урне во провалија и сите патници ќе загинат, тие веќе не се во животна опасност. Јасно, нели? Сега би сакал ова вака да го кажам: Вие сте во опасност никогаш да не го досегнете животот, да бидете мртви во светот и на крај да бидете отфрлени. Дали добро се изразувам? Животната опасност за која ви зборувам всушност ви се заканува да си го промашите животот. Библијата сосема јасно кажува: „Кој го има Синот Божји, тој има живот. Кој го нема Синот Божји, тој нема живот!"

   Неодамна сретнав млада жена, учителка по странски јазици од Берлин. „Извинете!" - и реков - „еден пастор може да биде малку и нељубезен. Be молам, колку годи ни имате?" Младите жени не треба да се прашуваат за годините, нели, но еден стар пастор може и тоа да си го дозволи. Таа без колебање одговори: „Осум години!" „Момент!" реков изненаден, „зар само осум? Вие сте учителка по странски јазици и знаете три јазика, а сепак имате само осум години?" Таа се насмеа и рече: „Пред осум години јас го најдов Исус. Тогаш добив живот. Пред тоа бев мртва." Јас се зачудив: „Тоа го рековте прекрасно!" Таа ми рече: „Кој Го има Синот Божји, тој има живот. Кој го нема Синот Божји, тој нема живот." Потоа продолжи: „Видете, порано јас немав Спасител, немав вистински живот. Заработував пари, но тоа не беше живот!"

   Зар ова не е храбро признание? Тој што не се предал на Исус со доброволно прифаќање од се срце, нема живот. Да, без Исус ние не знаеме што е тоа живот. Само оној што го има Синот Божји, има живот.

   Пред многу години ме посети едно момче. Го прашав: „Што сакаш?" „Ни јас самиот не знам!" - ми одговори. „Само едно знам: тоа што го живеам не е живот!" Изненаден, јас прашав: „Како тоа? Ти имаш добра работа како бравар и заработуваш многу пари." „Сепак тоа не е живот!" одврати момчето. „Тоа не е никаков живот! Во понеделник бравар, во вторник бравар, во среда бравар, во четврток бравар, во петок бравар, во сабота на фудбал, во недела кино и девојка, во понеделник бравар, во вторник бравар, во среда бравар, во четврток бравар, во петок бравар, во сабота на фудбал, во недела кино и девојка. Тоа не е живот!" „Момче", му реков, „ти си наполно во право. Навистина си сфатил: тоа не е живот! Јас ќе ти објаснам што е живот: „Во мојот живот се случи огромна промена. Тоа се случи кога ме пронајде Исус, Кој за мене умре и воскресна. Тој стана мој Спасител и ме измири со Бог. Кога ова го сфатив, јас My го предадов своето срце. И замисли, од тогаш јас имам живот!" Момчето постапи како што му советував.

   Пред извесно време јас го пронајдов во Фрајбург. „Па, како е сега?" го прашав. „Дали сега живееш?" „Да", одговори тој со радост на лицето, „ова сега е живот!" Тој сега е многу жив, води група млади христијани и ги доведува луѓето кај Исус. Тој во Исус го најде животот.

   Го разбравте ова? Вие сте во животна опасност доколку го пропуштате животот кој е во Христа, иако можеби нешто сте чуле за христијанството, а Христа не сте го нашле.

   Имам еден пријател трговец. Неодамна тој беше поканет кај еден фабрикант. Фабрикантот има убава вила во еден прекрасен парк. Таму биле околу сто гости. Во навалицата луѓе на прославата, мојот пријател се сретнал со домаќинот и му рекол: „Човеку, колку сте среќни! Како цар сте! Толку голем имот! Толку голема фабрика! Толку прекрасна жена! Прекрасни деца!" Тогаш човекот одговорил: „Да, имате право: Добро ми оди." Но наеднаш тој станал смртно сериозен и рекол: „Но, не ме прашувајте како изгледа овде, внатре?" -покажувајќи при тоа на срцето.

   Одејќи по улица, често си размислувам: Кога луѓето би биле искрени, сите би застанале и би викале: „He прашувате како ми е овде, во срцево!" Во него нема мир. Мислите ве обвинуваат. Тоа е вината. Треба да ви биде јасно: Има само една Личност што може да не излечи. Замислете - Бог ја гледа нашата беда! Ние сами не можеме да дојдеме кај Бог, но Бог во својата голема љубов дошол кај нас преку Исус. Тоа е порака од која здивот запира, порака што јас ја разгласувам: „Бог толку го засака светот..." Да сум јас на Негово место, не би го сакал. Co железен стап би го мавал овој свет полн со нечистотија, со зло и глупост. А Бог го сака светот. Овде на човек и разумот му застанува. „Бог толку го засака светот, што го даде и својот единороден Син, Исус, за ниеден што ќе ја прифати таа љубов да не загине, туку да има живот вечен." Одговорете: Што треба Бог уште да направи? Тој го даде својот Син да умре само вие да имате живот!

   Ќе привршам со една интересна приказна. Еднаш, по проповедта, кај познатиот англиски проповедник Чарлс Хадон Сперџен, дошло едно момче и му рекло: „Господине проповедниче, вие имате право, и јас ќе морам да се сретнам со човекот од Голгота, ќе треба да станам Божје чедо. Еден ден ќе се обратам." „Еден ден?" - прашал Сперџен. ,Да, еден ден, некогаш во иднина."

   „Во иднина? Зошто не денес?" Тогаш момчето почнало да објаснува малку засрамено: „Би сакал да се спасам, и затоа планирам еден ден да се обратам на Исус, но пред тоа сакам малку да пробам од животот." Тогаш Сперџен се насмеал и рекол: „Млад човече, ти си бил многу скромен. Да се бара малку да се проба од животот - тоа е премалку. Јас не би барал малку од животот, јас би го барал животот во сета негова полнина. А во мојата Библија пишува: (тука тој веднаш го пронашол стихот) 'Исус рече: Јас дојдов за да имаат живот и тоа живот во изобилие.'" ,

   Кога привршувам со една ваква проповед, секогаш ме мачи незгодно чувство, бидејќи си мислам: „He си им го кажал тоа на вистински начин!" Дозволувате ли уште еднаш накратко да повторам? Бог дозволил Исус да умре на крст за нас загубени и проколнати грешници, за ние - овде и денес - да имаме живот. Кога утре ќе се разбудам, да можам да пеам од радост што сум станал Божје чедо, што имам во Hero живот. Сфатете, Исус дошол со цел ние овде да имаме живот, и во вечноста да бидеме поштедени од Божјиот суд - таму да добиеме вечен живот и со радост да продолжиме во вечноста.

   Дозволете ми да употребам уште една мала илустрација. Замислете ноемвриска вечер. Врне снег со дожд. Дува силен и студен ветер. По улица си врват двајца луѓе. Едниот нема капут, само ја кренал јаката од палтото. Како да му е се едно што сиот накиснал. Се движи како да му е се едно каде оди, бидејќи нема дом да се прибере. Вака талкаат најголем број луѓе во светот. Тие немаат цел. Дали и вие живеете вака? Жално е да се нема цел во животот. Големиот безбожен филозоф Ниче во една песна вака се изразил:

   Птиците летаат кон градот,
   Наскоро и снег ќе падне.
   Тешко на тој дом што нема!

   Дали и вие немате вечен дом? Друг минувач наидува по улицата. Минува низ истиот студ и бура, низ истата нечистотија - ист дожд, ист снег. Но тој си потпевнува и чекори храбро. Зошто? Тој отспротива ги гледа светлата на својот дом. Таму е неговата куќа. Таму е топло. Патот него многу не го тревожи. Така одат луѓето што Го знаат Исус и што му го предале својот живот и што имаат живот, сега и во вечноста.

   Така, како Бог што му рече на Ное: „Влези во коработ!", и јас ве молам: „Влезете!" Влезете во некое тивко место. Таму и Исус е присутен. Можете да разговарате со Hero. Отворете го своето срце пред Hero.

   Еднаш некој ме праша: „Можам ли да разговарам со вас за верата?" Јас му одговорив: „Зошто со мене? He треба луѓето да разговараат со мене, треба директно со Исус да разговараат!" Сторете го токму тоа и вие!   ...назад

Извадок од книгата „Исус наша судбина" од Вилхелм Буш

Крај

Слични статии:
Зошто Бог дозволува толку страдања во светот?