ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА
Дали ни е битна историската вистина?
Тоа е проблем од голема важност! Конфучизмот би можел да опстане многу добро и кога би се докажало дека Конфучие никогаш не постоел. Важно е учењето на конфучизмот, а не личноста врз која е основано. Тоа исто важи и за другите големи светски религии, освен јудаизмот и христијанството.
Меѓутоа, за христијанството историјата има пресудно значење. Всушност, тоа не е збирка морални правила кои би вределе сами по себе. Во основа, тоа ја прогласува „радосната вест", втемелена на историска личност, родена една генерација пред да се запише нејзината историја и погубена по заповед на Понтие Пилат. Исус сметаше дека го исполнува она што Бог го намислил за луѓето, а своите изјави ги потврдуваше со поучување за недопирливите длабочини со чудесната праведност на својот живот и воскреснувањето од гробот.
Такво нешто не наоѓаме во ниедна друга религија. Христијанството може да има некои црти кои потсеќаат на култовите на источните религии кои се темелат на никнење, дозревање, смрт и повторно обновување на растението. Стариот Исток е познат по повеќе варијанти на овие култови: Дионис, Атис, Изида и Озирис, Цибела, Митра... Христијанската вера се повикува на вистинска историска личност, на проповедникот кој им бил познат на повеќето писатели на Новиот Завет. Во неа се се темели на животот, зборовите и делата на тој Исус. Тргнете го Исуса и ништо нема да остане; без него христијанството би паднало како кула од карти. Во тој човечки живот христијанството ја наоѓа објавата за вечниот Бог. Значи, воопшто не се работи за некоја сеопшта идеологија или за некоја сеопшта мистерија, туку за стварна и датирана историја.
Да погледнеме дали таа христијанска претензија има некој цврст темел.
Сведочењата на паганските автори
Изгледа дека не можеме да се надеваме дека во антиката ќе најдеме голем број сведочења за тoj непознат селски проповедник од беззначајната провинција на границата на Римското Царство. Тогашните историчари и книжевници и припаѓале на владеачката класа која ги презирала источните религии. И нив, исто како и на поетот Јувенал, ги боли кога гледаат како „водата на Оронт, малоазиска река, ги загадува. водите на римскиот Тибар" со бран на празноверија кои не му се достојни на римскиот дух. Тогаш значи не би требале да бидеме изненадени ако воопшто не го ни забележале скромниот почеток на христијанството. Сепак, тоа не се случило.
Плиние
Најпотполн пагански извештај за ова имаме од Плиние Помладиот, кој во 112. год. н.е. бил наименуван од страна на цар Трајан за управник на Битинија, тогашна северна римска провинција, во денешна Турција. Среќни сме што Плиније бил совршен бирократ; за се што се случувало го известувал царот, од кого бил прилично поттикнуван за тоа.
Во едно писмо управителот известува дека секаде каде што поминува се среќава со христијани, било да поминува низ село или важен град. Нивниот брз пораст почнува да станува проблем на општеството: паганските храмови се затвараат, бидејќи нема поклоници; престануваат религиозните прослави, никој повеќе не купува животни за жртви. Значи, христијанската вера е широко прифатена во таа провинција на границата на царството. Ни религиозната, ниту пак граѓанската власт, иако се противеле, не можеле да го запрат тој растеж. Но Плиние се надева дека (како што вели во своите извештаи) ќе може да му застане на пат на тоа зло. Кога му доведувале христијани, тој ги погубувал ако истраат во својата заблуда, поради недозволената упорност. Тој сепак се сомнева: во што е всушност нивниот престап? Од оние што се одрекле од својата вера, тој дознава дека на христијанските состаноци не се случуваат никакви ужасни злосторства. Единствено нивно кривично дело било тоа што на царот му ги скратуваат божествените почести и што не ги слават сликите на боговите. Се собираат еден ден во неделата (недела) да му пеат химни на Христа како Бог (quasi deo). Полагаат завет (веројатно обврска што ја примаат при крштевањето) дека нема да вршат зли дела. Живеат пристоен живот, без лажење, прељуба, крадење или било какво кривично дело. На заедничките оброци јадат обична храна, а не деца. Затоа Плиние се двоуми: тој во христијаните не гледа ништо што би заслужувало казна и бара совет од царот (Плиние, Посланици, 10, 96).
Тацит
Корнелие Тацит, современик на Плиние и голем историчар во царскиот Рим, ни раскажува во своите Анали (15, 44) како христијаните, кои народот ги замразил поради нивните „зли дела", послужиле како жртвени јарци по големиот пожар кој го разруши Рим, во 64. година, за време на владеењето на Нерон. Тој пишува. „христијаните го добија името по Христа, кој за време на владеењето на Тиберије бил погубен од управителот Понтије Пилат. Тоа погубно празноверие еднаш запрено, повторно се јавува и се пари не само во Јудеја, каде што тоа зло и започна, туку дури и во Рим, каде што секоја подлост се вкоренува и поттикнува љубопитство".
Јасно е дека Тацит, кој што потекнува од патрициско семејство не чувствува никаква симпатија кон христијанската вера, која во прв ред е следена од пониските општествени слоеви, кои потекнуваат од Исток. Но со тоа неговото сведоштво станува поверодостојно. Тој можел да се информира за почетоците на христијанството, бидејќи во времето околу 112. год. н.е. бил управител на Мала Азија, каде што запознал многу христијани. Тој алудира на тоа во една книга (денеска изгубена), неговата „Историја ", од која до нас стигнува еден дел благодарејќи на еден подоцнежен автор. Овде Тацит тврди дека христијанската вера започнала како еврејска фракција, но која тогаш веќе била одвоена од јудаизмот. Овде тој вметнува и еден значаен момент. Уништувајќи го храмот во Ерусалим, 70. год. н.е., римскиот војсководец Тит се надевал дека со тоа ќе ја уништи и христијанската вера и јудаизмот, бидејќи „стеблото брзо венее ако е отсечено од коренот".
Писателите на историјата, како Плиние и Тацит, во своите дела му даваат на Исуса голема историска сигурност. Дали можеме да одиме уште поназад? Дали паганските писатели од 1. век ни даваат некое сведоштво за Исуса? Постојат и такви сведоштва.
Уште постари сведоштва
Еве еден текст од историчарот Тал (по потекло самаријанец) кој што пишува од Рим околу 52. год.н.е. Книгата е изгубена, но еден нејзин дел е цитиран во 2. век од Јулие Африканецот. Тој имено, зборува за темнината која настанала кога Исус издивна (спореди Марко 15, 33). Тој вели. „Тал, во својата трета книга од делата „Историја", го разјаснува тоа затемнување со помрачување на сонцето, што е сосема неприфатливо". Тоа е еден поен во полза на Африканецот, бидејќи помрачувањето на сонцето не може да се види кога е полна месечина, а Пасхата кога Исус умре била точно во тоа време. Важноста на овој цитат се состои во тоа што тој ни покажува дека околностите на Исусовата смрт биле добро познати во Рим уште во средината на 1. век, каде што еден пагански писател не се двоумел да зборува за тоа.
Во времето околу 50. год. н.е. на паганите од престолнината не им беше позната само Исусовата смрт.Тоа беше случај и со неговото воскреснување ако го прифаќаме тумачењето на следниот документ.
Пронајден е необичен натпис од времето на царот Клаудие, (датиран меѓу 41. и 54. год. н.е.). Тој натпис во никој случај не можел да биде напишан подоцна. Meѓутоа, некои автори го датираат многу порано во време на владеењето на царот Тиберие (14.-37. год. н.е.). Тука царот го изразува своето незадоволство бидејќи слушнал дека некои вадат тела од гробовите. Царот изјавува дека таквото насилство заслужува ништо помалку од смртна казна. Тој натпис е пронајден во... Назарет. Професорите Момилијано и Блеакок (Momigliano and Blaiklock) сметаат дека тоа царско решение е службеното реагирање по известието добиено од Јудеја, по распнувањето на Исуса и за се што следи потоа. Пилат морал да го извести Рим, бидејќи Исус бил распнат како претендент на кралската власт, на што царот не можел да биде рамнодушен. Тертулијан, христијански правник од 2. век, тврди дека Пилатовиот извештај во негово време се наоѓал во царската архива (многумина го обвинуваат Тертулијана дека често претерува). Тој Пилатов службен извештај би морал да го содржи мислењето (спореди Матеј 28:11 ) дека учениците го украле Исусовото тело, додека војниците спиеле. Според тоа, сосема е разбирлива строгоста на Клаудие.
Еве и други документи. Истиот тој цар ги сакал старините и се интересирал за религиозните прашања. Откриен е папирус во кој тој ги обвинува александриските Евреи за тоа што се во спор со „некои други Евреи" кои тогаш морале да избегаат од Сирија во Северна Африка, од каде што се прошириле како "заразна чума" меѓу еврејските и грчките заедници. Многу стручњаци мислат дека тоа е одекот кој се јавува во Египет и Северна Африка по продорот на христијанството, а тој продор се совпаѓа со тоа време. Во тој случај христијанската вера му била позната на римскиот цар само 10 години по Исусовата смрт.
Во секој случај Клаудие дознал многу рано. Во тоа време христијаните му создавале проблеми и во Рим. Светоние, член на царскиот двор во време на владеењето на Адријан, и службен хроничар на палатата, пишува дека Клаудије ги протерал од Рим сите евреи затоа што постојано предизвикуваат немири impulsore Cresto, поттикнувани од Крестус т.е. Христос. Според Орозије тој декрет е издаден 49. год. н.е. а познати ни се двајца од тие прогнаници, Прискила и Акила (Дела 18, 2). Изгледа дека за Светоние тој Крестус или Кристус (изговорот на тие два збора е ист и во стариот и во современиот грчки јазик) е водач на некоја бучна еврејска странка. Како би можеле да се посомневаме дека тие нереди настанале заради христијанското проповедање во важната еврејска заедница во престолнината само заради тоа што Христовите ученици тврдат дека Христос живее и понатаму. Тоа е значи одекот на христијанското влијание на оние 10.000 Евреи во Рим, иако сеуште немало поминато ни десет години од Христовата смрт на крстот.
Плиние живеел меѓу 60-114. год. н.е., Тацит од 55-118? год. н.е., Светоние од 60-140. год.н.е., а сите тие зборуваат за факти кои се случиле нешто помалку од триесет години пред нивното paѓање. Бидејќи биле угледни личности, можеле да се информираат од најверодостојните извори. Нивните сведоштва се сосема доволни да се утврди неоспорната историчност на Исуса, зачетникот на новата религија, кој што бил мачен по наредба на Понтије Пилат, управителот на Јудеја, веројатно меѓу 26- 36. год. н.е.
Еврејските сведоштва за Исус
He поседуваме ниту еден еврејски документ од тоа време кој би зборувал за овој наш проблем. А и тие кои настанале по разурнувањето на Ерусалим (70 год.н.е.), го доживуваат неизбежното влијание на конфликтот кој засекогаш ја одвои црквата од синагогата. Евреите ги обвинија христијаните дека се виновни за нивната несреќа; трпеле што христијаните не им помагале во борбата против римјаните и вознемирено го гледале ширењето на новата вера која често пати се служела со јудаизмот како појдовна точка. Поради сето тоа, а и од други причини, односот меѓу јудаизмот и христијанството бил премногу затегнат при крајот на 1.век. Затоа и не можеме да очекуваме нешто посебно од еврејските документи од тоа време, тоа што постои не содржи ништо пофално за христијанството.
Јосиф Флавие
Јосиф бил еврејски воен заповедник во време на војната против римјаните. По 70. год.н.е., се трудел еврејството повторно да ја задобие довербата на римското општество, особено на царското семејство. Затоа меѓу 75 и 79 год.н.е го објавил своето дело „Еврејска војна". За да ја запознае јавноста со религијата на своите предци, 93. год.н.е. ја објавува својата книга „Еврејски старини". Кај него среќаваме многу ликови од Новиот Завет: Пилат, Ана, Кајафа, Херод, Кривин, Феликс, Фист и многу други. Го опишува Јован Крстител, неговото проповедање за крштавањето и неговото погубување. Го спомнува и Јакова, за кого вели дека е „брат на Исуса наречен Христос".
Тој го спомнува и Исуса. Еве што Јосиф Флавие пишува за него: „Тогаш, (т.е. во време на управувањето на Пилат од 26-36. год.н.е.) настапи Исус, мудрец, ако воопшто може да се нарече човек, бидејќи правеше најразлични чудесни дела. Ги учеше во вистината оние кои го прифаќаа со радост. Околу себе собра многу Евреи, па и Грци. За себе зборува дека е Месија. Откако, под притисок на нашите поглавари, Пилат го осуди на смрт со распнување на крст, оние кој од почетокот го сакаа, не го оставија. Третиот ден тој им се покажал жив, како што беше претскажано од нашите пророци во сите поединости. А и денес постојат христијани кои имаат име според неговото.
Некои сметаат дека е тоа малку необично сведоштво од перото на еден нехристијанин. Но пропаднаа сите напори да се негира нивната веродостојност. Тој текст се смета како Флавиев и се наоѓа заедно со другите стари ракописи. Се разбира, авторот не пишува без извесен сарказам: „ако воопшто може да се нарече човек". Во секој случај тој зборува за Исус како за човек кој живеел, а не како за некој мит, и тоа во апологетските еврејски документи во чија полза е да го премолчат она што многу малку им користи во нивните цели.
Мишна
Неколку распрснати податоци можат да се најдат и во Мишна (збирка на еврејски закони) и во Талмуд (коментар на тие закони). Овде Исус е наречен Јешуа бен (син на Пантера), што значи Евреите го сметале Исуса за незаконски син на некој римски војник, освен ако тоа не е едноставно еврејската измена на грчкиот збор „Parthenos" (девица). Во секој случај, тоа значи дека Исусовото раѓање било познато како нешто невообичаено. На Евреите им била позната верата на христијаните во Исусовото чудесно paѓaње, а веќе во Евангелието по Марко (6:23) тие Исуса го нарекуваат син на Марија, што за евреите значело навреда.
Еден друг фрагмент му ги припишува истите разбирања на рабинот Елиезер. Но зарем ова не се непосредни потврди дека Исус е навистина историска личност? Други фрагменти ги спомнуваат неговите претензии дека повторно ќе дојде на земјата во последното време, имињата на неговите браќа или пак тврдат дека правел чуда благодарејќи на магијата која ја научил во Египет (во Марко 3:2 Исуса го обвинуваат за истото тоа). Еден пак фрагмент го спомнува Исусовото погубување: „...спроти Пасха го обесија Јошуа Назареецот". Еврејските сведоштва се добро опишани во книгата „Исус од Назарет"од Ј.Клауснер. (Joseph Klausner, Jesus of Nazareth)
Ракописи од брегот на Мртвото Море
Некои се служат со Кумранските ракописи (Кумран покрај Мртвото Mope) за да докажат дека христијанските тврдења се без основа.
Тие ракописи потекнуваат од библиотеката која била скриена во пештерите крај Мртвото Mope, веројатно 68. год.н.е. кога римската војска ја уништила заедницата на која припаѓале. Таму заедницата постоела околу сто години. Тоа, без сомневање, било еврејска фракција која практикувала крштение и застапувала неконформистички ставови. Биле против стапување во брак, ја истакнувале невиноста и живееле во пустиња, во манастирот чии што рушевини се откопани.
Животот на таа заедница бил чуден: сe им било заедничко, јадењата, парите, становите и купатилата. Религиозната власт околу ерусалимскиот храм ја сметале за отпадничка, имале посебен календар како старите пророци, сметале дека е поважно да му се покоруваат на Бога отколку да принесуваат обредни жртви. Живееле во очекување на три месијански личности: пророк сличен на Мојсеј, свештеникот Месија и кралот Месија. Тие ќе го уништат овој зол свет и ќе воспостават златен период, во кој кумранците ќе имаат почесни места. Иако во очекување на тој голем ден биле мирољубиви, својата сила ја чувале за конечната битка која ќе се одигра меѓу „синовите на темнината и синовите на светлината", во која ќе учествуваат и тие.
Археолошки сведоштва
Пред да поминеме на сведоштвата на самиот Нов Завет, да погледнеме некои археолошки откритија кои ни го осветлуваат верувањето на првите христијани во Исуса и нивните сведоштва за него.
На различни места се пронајдени необични акростихови, a особено на две места во Помпеја, град кој 79. год.н.е. бил затрупан од ерупцијата на Везув. Во тоа време акростихот бил вообичаен како денес крстозборите. Еве една во облик на квадрат:
Ha прв поглед значењето не е потполно јасно: „Арепо сејачот носи внимателно тркала". Но сепак овој акростих сведочи за христијанството. Всушност, употребените букви ги даваат зборовите Pater noster (Оче наш) т.е. почетокот на Исусовата молитва, освен тоа, со секој пар зборови може уште да се додаде аио, букви со кои почнува и завршува грчката азбука (спореди Откровение 1:8 и 21:6), а го симболизираат почетокот и крајот на се. Ако така го дешифрираме, овој акростих добива вистинско христијанско значење:
Освен тоа, дали забележавте дека во квадратниот акростих буквата Т секогаш се наоѓа меѓу А и О. Буквата Т е знак за крст. Таа положба на буквата Т означува дека Исусовиот крст е средиште на историјата.
И уште повеќе, латинскиот збор „tenet" значи „тој држи и потпомага" па и тој обликува крст. Дали е тоа случајно? Тоа е пишувано во времето на Нерон, кој што 64. год.н.е. ги осветлил своите градини со живи факли од христијанските маченици, кои нешто подоцна ги фрлал живи на веровите во циркуските арени. Христос им помага на своите, па дури и во моментите кога вжарен пепел ја покрил Помпеа. Тоа нивно длабоко уверување не се темелело на мит, туку на историскиот Исус, кој е Алфа и Омега, кој на беден начин е погубен, но кој славно воскресна.
Значи, овој акростих би бил фактички доказ дека не само во Рим, туку и во бањскиот град Помпеја, само по 40 години од Исусовата смрт, постоела христијанска заедница која морала да се крие.
Христијаните од тоа време многу често употребувале и уште еден симбол: риба. Тој симбол служел како знак за тајно препознавање, а доаѓа од грчкиот, општо познатиот јазик во тоа време, на кој се зборувало дури и во Италија. каде што за риба се употребува зборот ihtus, збор составен од почетните букви на пет важни збора: Iesous Christos Theou Uios Soter (Исус Христос, Божји Син, Спасител). Колку величествена исповед на верата во згуснат облик, вера поврзана со историската Исусова личност!
Уште можеме да додадеме дека израелскиот професор Сукеник 1945 год открил во предградието Талпиотх покрај Ерусалим недопрена гробница. Содржела пет костурници и една паричка која што покажува дека е затворена околу 50. год.н.е. На една од костурниците на грчки пишува: Iesu iou" (Исусе спаси), а на другата на арамејски Ieshu aloth" (Исусе подигни го, или Исусе дај му живот). Тоа е напишано 20 години по Исусовата смрт! Би било тешко да се замисли било кој друг археолошки наод кој би ја илустрирал посилно силата на верата на првата црква во Исуса, кого можеле и лично да го запознаат кој пред само неколку години одел низ Палестина.
Археолошки откритија кои ги потврдуваат списите на Новиот Завет
Во Евангелието од Јован, кое е напишано најдоцна и кон кое историчарите се најкритички расположени, се зборува за фатениот кого го излечи Исус крај бањата Витезда, која имала пет трема (5 глава). Никогаш не се најдени траги од неа, ниту пак се споменува во еврејските списи. Дали е сето тоа Јован го измислил? Пред неколку години бањата е откриена од некој монах кој ги водел ископувањата околу црквата Света Ана во Ерусалим. Продолжувајќи со работата ископал и пространо здание со пет тремови. На Витезда алудираат и некои текстови од крајбрежието на Мртвото Mope.
Bo 19 глава на истото Евангелие, Исус е изведен пред Пилат на плоштад кој се вика "Lithostrotor или на еврејски "Gabbatha". Тој плоштад не се споменува никаде. Но во триесеттите години од овој век еден Француз, отец Винсент го открил тој плоштад, кој потекнува од првиот век, а површината му е околу 5 квадратни метри, и тоа на местото каде биле римските касарни. Бил затрупан од рушевините 70. год.н.е.
А сега да ја погледнеме историската позадина на Евангелието од Лука, писателот на третото Евангелие и на Делата Апостолски. Вилијем Ремзи долго време се сомневал во веродостојноста, но подоцна во Лука го гледа најдобриот историчар во Грција после Тукидид". Денешните стручњаци за античка историја го сметаат Лука за најверодостоен за историјата на 1. век. Тој никаде нема грешка во имињата на службените носители на власта: градските старешини во Солун ги нарекува политарси, (Дела 17:6), во Филипи спомнува два чиновника и ги нарекува стратези (Дела 16:20), во Ефес спомнува "grammateusa" или писар (Дела 19:35), на Малта „првенец", а сето тоа го потврдуваат натписите од тоа време. Прилично добро се опишани и случките од Атина, Ефес, Коринт и оние од патувањето за Рим.
Можеби случајот со Галион е најинтересниот пример за тоа како на крајот работите сепак се свртуваат во корист на Библијата. Во Делата на Апостолите 18:12 Лука споменува дека Галион е проконзул на Ахаја. Меѓутоа Галион го познаваме многу добро по тоа што бил брат на филозофот Сенека. Поединостите на неговата кариера се документирани според пишувањето на Сенека, Тацит и други, а кај нив никаде не се спомнува неговата служба како проконзул. Многу учени глави се двоумеле и имало голем број изјави за неверодостојноста на Лука, се додека не е пронајден еден натпис, кој не само што покажува дека Галион навистина бил проконзул на Ахаја (Грција), туку и ја наведува годината (51. год. според нашето сметање на времето) што ни овозможува да ја утврдиме хронологијата на Новиот Завет.
Што кажува Новиот Завет за Исуса?
Постојат стотици ракописи на разни текстови на Новиот Завет. Така, кога станува збор за нивната автентичност, ние сме во многу подобра положба отколку било кој друг антички текст. Да ја земеме, на пример, Тукидидовата „Историја". Познати ни се само ракописите кои настанале дури 1500 години по настанокот на самата книга. Сепак.тоа не им смета на историчарите да имаат доверба во тие ракописи.
И од другите грчки и латински класици располагаме само со мал број ракописи, додека пак располагаме со многу Библиски ракописи на разни јазици и од разни места на светот. Тие ракописи меѓусебе се разликуваат во неважни детали, а никогаш во важните точки на верата. Евангелијата, кои се напишани пред 2. век, или еден век пред запишувањето на оригиналот, се зачувани на папирус. Исто така располагаме со фрагменти од Евангелието по Јована кои што се запишани 125. год.н.е (Јовановото Евангелие е напишано нешто пред 90. год.н.е.). Пред неколку години е откриено „Евангелието на вистината" од кривоверецот Валентино. Напишано е околу 150. год.н.е. и цитира фрагменти од списите на Новиот Завет. Нешто слично е и со списите на Поликарп и Клемент Римскиот, кои се напишани 30 или 40 години порано. Значи, кон крајот на 1. век, додека биле уште живи некои од оние кои го виделе Исуса, книгите од Новиот Завет не само што биле напишани, туку почнале и да се собираат во една целина. Секој ги сметал за неоспорни информации за Исуса, така што биле цитирани од христијаните со иста почит како што Евреите го цитирале Стариот Завет.
И кривоверците го знаеле тоа, па затоа за да ги поткрепат своите кривоверства го цитирале Новиот Завет. Затоа Кенион професор по библиска археологија заклучува: „Практично, може да се занемари времето кое поминало од запишувањето на оригиналите до нашите најстари манускрипти. Затоа, без никакво сомневање можеме да заклучиме дека текстовите од Новиот Завет стигнале до нас во иста состојба во која се и запишани". („Библијата и археологијата" стр.288)
Веродостојноста на текстовите на Апостол Павле
Дали можеме да веруваме во веродостојноста на текстовите иако ги имаме во првобитната форма? Зарем, на пример, не се сомневаме дека Апостол Павле историскиот Исус, човек, го преобразил во Божествен спасител, во склад со вообичаените религиозни идеи на елинистичкиот свет? Тоа е стар приговор на кој се одговарало многу често. Овој приговор понекогаш се јавува повторно, можеби поради тоа што Павловите писма се напишани пред Евангелијата, кои се сметаат за најстари новозаветни списи со кои располагаме и кои се најблиски на случките за кои што станува збор.
Павле бил римски граѓанин; иако бил побожен и учен рабин, жестоко го негирал христијанството. Начинот на кој се обратил кон верата која што ја прогонувал е еден од најфасцинантните факти и не е јасно како тоа можел некој да го измисли. Иако Павле пишува независно од останатите новозаветни писатели, па дури и пред нив, неговите текстови совршено се поклопуваат со нивните. Павле знае за Исусовата преегзистенција, за неговото вистинско човештво, за неговата покорност кон законот, за неговиот живот полн со љубов и служење, за неговото учење, за случките од последната вечера, за неговата смрт на крстот за спасение на човештвото. Во 1 Послание до Коринтјаните 15.
Павле ни зборува за Јаков, братот на Исуса, кој се обратил заради воскреснувањето и за Петар кој од тоа воскреснување се преобразил во неуморен вестител на верата, а подоцна во маченик. Тогаш Павле зборува не само за своето обраќање, туку и за обраќањето на 500 браќа кои го виделе воскреснатиот Исус, а повеќето биле живи во времето кога Павле го пишува тоа (53. год.н.е.). Оние кои го познавале Исуса додека живеел на земјата, би го отфрлиле Павле ако лажел.
Веродостојноста на Евангелијата
А што да мислиме за Евангелијата? Пред сe, треба да имаме на ум дека тие се еден посебен книжевен вид. Очигледно е дека кај нив не се работи за Исусовата биографија во обична смисла на зборот. Невозможно е биографија да не спомне барем некоја физичка особина, барем некој детал кој би ја карактеризирал личноста. Како би можеле да се премолчат триесет од триесет и трите години и речиси третина од текстот да и ce посвети на неговата смрт? Како би можел било кој историчар во текстот да вметне нешто за Бога и неговите дела, како што тоа го прават евангелистите, а да не биде банален? Евангелистите, како што е очигледно, воопшто не водат сметка за хронологијата и остануваат глуви за случките во надворешниот свет.
Евангелијата, според намената за која се пишувани, се прогласени за Радосна вест (Радосна вест на грчки се вика евангелие), Радосна вест за Исуса Назареецот, во кого што писателите на Евангелијата го препознале оној преку кого Бог сака да ги спаси луѓето.
Затоа, евангелистите почнале да ги бележат случките за кои почнало да се зборува дури 30 и повеќе години по нивното случување. Тие биле толку зафатени со објавувањето на Радосната вест што не се ни труделе да ја запишат. Пред пронаоѓањето на печатниците, пишувањето било многу скапо и требало многу време. Всушност, во тоа време пишуваниот збор вредел многу помалку отколку усното сведоштво. Значи, Евангелието усно се пренесувало околу 30 години, до она време кога очевидците почнале да умираат. Тогаш почнале да се запишуват за да може сведоштвата на апостолите да се зачуваат за идните генерации.
Дали сведоштвата се веродостојно забележани? Во својата книга „Апостолското проповедување и неговиот развој" Ц.Х. Дод докажува дека начинот на Исусовото проповедање е ист во сите делови на различните текстови содржани во Новиот Завет. Значи, нема сомнение дека тие текстови „ја носат вистинската и оригинална христијанска порака". Други текстови го потврдуваат истото она што го тврдат Евангелијата. Други автори, пак, нагласуваат дека во тоа време, кога се пишувани Евангелијата, се уште живееле оние кои го виделе Исус (види Х.Е.Тарнер. „Историчноста на Евангелијата"). Освен тоа, Евангелијата никаде не алудираат на тешкотиите што ги имала црквата во тоа време. Ако црквата ги креирала текстовите, тогаш Евангелијата сигурно би ги содржеле и црквените проблеми. Она со што се преокупирани Евангелијата (Христовата божественост, даровите на Духот, проблемите меѓу Евреите и паганите, обрезанието и друго) се истакнува токму поради отсутноста на тие проблеми.
Да ги земеме, на пример, споредбите. Дали тие навистина потекнуваат од Исуса? Како некој може да претендира дека Исус поучувал на тој начин, ако тоа не било вистина? Кој друг би можел да ги измисли? Ни еден од познатите први ученици не зборувал така, а на сите им било познато дека Исус поучувал на тој начин.
Еве и уште една потврда. Стручњаците за арамејски јазик, јазикот на кој Исус зборувал, тврдат дека голем дел од Евангелијата може да се реконструираат на тој јазик и дури тогаш да се види силниот поетски збор на тие текстови. Co тоа се објаснува како источњаците можеле да ги запомнат Исусовите зборови со таква прецизност. Некој сметаат дека Исус барал од своите ученици, како што тоа го правеле еврејските рабини, да учат напамет некои негови излагања. Значи, неговото учење уште на почетокот се сметало за нешто што треба да се пренесе од збор до збор. Co тоа може да се објасни сличноста која постои меѓу поедини текстови.
Очевидноста на верата
Се разбира дека овие факти нема да ги убедат оние кои не веруваат за да станат христијани. Еве што вели Кикегаард во својата книга „Филозофски побирци": „Кога би го следеле Исуса одблизу како што некои риби одблизу ги следат морските кучиња и кога би ги слушале сите негови зборови, сепак сами од себе нема да станеме негови ученици...". Бутман вели дека Новиот Завет кон ништо не се осврнува толку многу како кон верата на апостолите во воскреснувањето. Писателите на Новиот Завет верувале во Исуса и самите ни ги кажуваат причините за тоа. Но сосема е сигурно дека нивното уверување не не присилува и нас да веруваме. Тоа не се постигнува ни со едно сведоштво.
Неодамна во весниците пишуваше за влијанието на пушењето врз добивањето рак на белите дробови. Еден мој пријател, пушач, многу се загрижи поради тоа и одлучи веќе да не купува весници. Многумина продолжуваат да пушат, обидувајќи се да ги заборават непријатните предупредувања. Ни најочигледното не може да не обврзе да му веруваме или да делуваме во склад со тоа. Може само да ни даде доволно причини. Новиот Завет го прави токму тоа. Никој не е присилен да му поверува. Пилат и многу други евреи го слушаа Исуса, но не поверуваа во него. Исто така и денес многу сериозни и интелигентни луѓе не веруваат. И тоа не затоа што сведочењето за верата не е добро изразено, туку повеќе поради тоа што не се потрудиле да го проучат доволно или пак поради тоа што одбиле да ја спроведат верата во живот и да се потпрат на нејзината сила.
Изгледа дека Бертранд Расел спаѓа меѓу првите. Во својот есеј: „Зошто не сум христијанин?" остава впечаток дека брзо и површно се осврнал на Новиот Завет инаку за сето тоа не би давал толку наивни коментари. Мошне е важно што тој никаде не спомнува ништо за Христовото воскресение, а тоа е сепак аголен камен на нашата вера.
Романописецот Алдоус Хакслеј го завзема вториот став. „Јас имам доволно мотиви, пишува тој, (Ends and means), да не најдам смисол во светот. Ете тоа е моето тврдење и не ми е тешко да го потврдам со илјадници докази. Филозофот на апсурдот не се задржува на метафизичките шпекулации. Тој е опфатен од тоа да докаже дека не постои добра причина да не работи онака како му одговара.( „Еnds and Means" стр. 22). Што се однесува до мене, таа филозофија на бессмисолот сосема ме ослободува и со оглед на мојот сексуален живот и со оглед на политиката". Зар тоа не е искрено признавање дека луѓето бегаат од вистината?
Се разбира, христијанските вистини не можат да не присилат да веруваме, но ни нудат драгоцени претпоставки во своја корист.Тоа го искусија евреите кога први станаа христијани. Тие беа длабоко уверени монотеисти кои беа обликувани од вековната вера во еден Бог. Но кога се соочиле со фактите за кои што зборуваат во своите списи, ги опфатило нешто ново. Малку по малку тие увиделе дека Исус не е обичен човек, па дури ни надчовек, туку дека самиот семоќен Бог зел човечки облик и слегол меѓу луѓето. Тие први христијани со своите Евангелија напросто сведочат за тоа што го откриле во Исуса и изнесуваат добри докази зошто му поверувале.
Многу луѓе ги обвинуваат христијаните за недостиг на реализам, но тие луѓе никогаш сериозно не се задржале на тврдењата во Евангелијата. Можеби никогаш не ги ни читале; или пак се плашат дека ќе му се предадат на Христа ако се отворат кон неговата вистина.
Кога младиот човек за кого зборувавме на почетокот на оваа глава вистински сфатил дека избегнувал да и погледне на вистината во очи, почнал со проучување на евангелските текстови! Всушност, при тоа не изгубил од својата критичност, само станал многу поотворен за вистината. Доволно му било само едно Евангелие: станал христијанин. Истото се случило и со Џ.Б. Филипс, кој што бил задолжен за превод на Евангелијата на современ англиски јазик, а за кое што читаме во неговата книга: „Прстен на вистината".
Еден научник еднаш ми рече дека тој во Евангелијата гледа само мит. „Добро, му реков јас. Дали вие како научник му верувате или го отфрлате она што на прв поглед ви изгледа неточно? Применете ги и овде научните принципи. Вие кој што имате отворен дух треба сериозно да ги проучите автентичните текстови на Евангелието". Неколку месеци подоцна тој стана христијанин.
Па, дали христијаните навистина ја отфрлаат стварноста? ...назад
Извадок од книгата „Runaway World By Michael Green" (Running away from History)
