КАКО ЕДЕН ЧОВЕК БАРАЛ И ПРОНАШОЛ
ГЛАВА 11
Гласот на Лутер се уште продолжува да звучи низ четиристотините години, кои нè делат од него, и ни го забрзува пулсот, како гласот на воен барабан. Лутер е жив до денес, зашто беше човек на верата.
Би сакал да го појаснам тоа со примери од неговиот живот. Светлината на Евангелието бавно навлегувала во душата на реформаторот. Лутер бил во манастир, кога прелистувајќи ја старата Библија, заврзана со ланец за еден столб, го открил стихот:”Праведникот ќе живее преку вера.” Таа небесна изјава го засегнала длабоко, но тогаш тој не ја разбрал во целосното значење. Инаку, Лутер не можел да пронајде мир во религијата и своите монашки навики. Бидејќи не познавал ништо подобро, тој постојано си задавал толку многу казни и така безмилосно се казнувал, што понекогаш го наоѓале паднат од истоштеност. Лутер се приближувал до прагот на смртта. Еден ден решил да оди во Рим, зашто верувал, дека таму е живата црква и човек може да биде сигурен, дека по тие свети места ќе заработи оправдание за своите гревови, како и многу други благослови. Тој мечтаел да влезе во светиот град, но наместо тоа открил, дека Рим е престојувалиште на лицемери и ѓубрето на безбожништвото. На свој ужас, Лутер ги слушнал луѓето како велат, дека ако има пекол, тогаш Рим е поставен на самиот врв, зашто е поблизу до пеколот од кое и да било друго место на земјата. Меѓутоа сепак, Лутер верувал во папата и продолжил со самоизмачувањата, барајќи мир, кој не го наоѓал.
Еден ден тој се искачувал, ползејќи на колена по Светата скала, која се уште се издига во Рим. Стоел сам вчудоневиден во нејзиното подножје и наблудувал како кутрите луѓе се качуваат и слегуваат на колена, верувајќи, дека тоа е истата скала, по која нашиот Господ слезе, напуштајќи го домот на Пилат. За некои стапала се вели, дека се бележани со капки од Христовата крв-токму нив несреќните луѓе ги бакнувале со најголем жар. Кога еден ден Лутер се качувал по тие стапала, истиот текст, кој го прочитал пред тоа во манастирот, прозвучел како гром во неговите уши:” Праведниот ќе живее преку верата.” Тој станал од земјата, слегол по скалите и никогаш повеќе не се вратил да ползи по нив. Во тој момент, Господ му дал целосно ослободување од суеверијата и тој разбрал, дека треба да живее не преку свештеници, свештенство и самоналожени казни, ниту преку што и да било друго, што можел да го направи, туку преку својата вера.
Наскоро потоа, откако го поверувал тоа, Лутер започнал да живее полноценно. Тецел ја обиколувал Германија, така што продавал простување на гревовите со многу пари. Немало значење каков бил гревот на човекот, во моментот, во кој парите ќе му паднеле во касата, тој бил оправдан. Лутер чул за тоа, се вознемирил и извикал:”Ќе направам дупка во неговиот барабан”, што истото и го сторил. Направил уште и неколку други. Заковувањето на неговите Тези на вратата на црквата било сигурен начин да се сопре музиката на индулгенциите. Лутер проповедал простување на гревовите преку вера во Христос без пари и без плаќање, така што наскоро, индулгенциите на папата се претвориле во предмет на присмев. Лутер живеел преку вера и во друг случај би можел и да замолчи, но во тој го разобличил лажното учење со јарост на лав, кој рика против својот плен. Верата со која бил исполнет, му дала сила и тој се впуштил во војна против своите непријатели.
После не така долго време, го викнале во Аугсбург и тој отишол, покрај тоа што неговите пријатели го советувале да не оди. Бил повикан да одговара како еретик пред Соборот во Вормс и сите го убедувале да не се појавува, зашто било сигурно, дека ќе биде осуден; тој инаку чувствувал, дека е неопходно да сведочи и тргнал со една запрежна кола од село на село и од град на град. Додека патувал, проповедал и бедните луѓе доаѓале да се поздрават со човекот, кој го заштитува Христос и Евангелието со ризик по својот живот. Сетете се како Лутер застанал пред оној влијателен собор, макар што знаел, дека, доколку зависи од човечка сила, заштитата ќе го чини живот и веројатно ќе биде предаден на пламените јазици слично како и Јан Хус, и сепак тој застанал таму заради Господа, својот Бог. Во тој ден пред Германскиот собор, Лутер извршил дело, за кое илјада пати децата на илјади мајки го благословуваат неговото име, а уште повеќе и името на Господа, неговиот Бог.
За да го запази од непријатности за извесно време, еден негов разумен пријател го затворил и го држал надвор од борбата во замокот Вартбург. Таму Лутер живеел добро-одмарал, учел, преведувал, пишувал музика и се подготвувал за иднината, која ќе биде исполнета со случувања. Правел сè, што може човек да прави, кога е надвор од битката; но бидејќи „праведникот ќе живее преку верата”, за Лутер било невозможно да остане заробен жив во тоа мирно престојувалиште-требало да се зафати со делото на својот живот.
Испратил писмо на своите пријатели, дека наскоро ќе биде со нив и тогаш се појавил во Витенберг. Принцот имал намера да го задржи за подолго време во сигурност; и кога тој храбар човек започнал да се плаши, дека не може повеќе да го заштитува, Лутер му пишал:” Јас сум поставен под посилна заштита од вашата; дури сметам, дека е поверојатно јас да ја заштитувам Вашата Светлост, отколку Вашата Светлост да ме заштитува мене. Тој кој ја има најсилната вера е најдобриот заштитник.” Лутер научил да биде независен од било кои луѓе, затоа што се предал на Бога. Целиот свет бил против него, но покрај тоа, тој бил среќен-дури кога папата го исклучил од црквата, тој ја изгорел папската була; ако императорот го заплашувал, Лутер се радувал, затоа што си спомнувал за Господовите зборови: „Земските цареви стануваат и кнезовите се собираат против Господа. . .Оној, што живее на небесата, им се смее. . .”(Пс.2:2,4). Кога го запрашале: „каде ќе најдеш засолниште, ако твојот покровител не те заштити?”, Лутер одговарал: „Под големиот Божји штит.”
Лутер не можел да биде пасивен, тој требало да зборува, да пишува, да проповеда моќно. О, со каква увереност зборувал! Тој ги сметал за нешто одвратно сомневањата во Бога и Писмото. Меланхтон вели, дека тој не е догматичен. Моето мислење доста се разликува од тоа на Меланхтон, затоа што сметам, дека Лутер е најголемиот догматик. Тој го сметал Меланхтон за „мекушав” и се чудам, што ли ќе правевме, ако Лутер беше Меланхтон и дејствуваше на истиот плашлив начин. Времето имало потреба од силно уверен водач, и низ годините верата го направила Лутер точно таков, независно од многу жалости и слабости. Тој бил титан, гигант, човек со великолепни умствени способности и силна физичка кондиција; покрај тоа неговиот живот и сила се засновале на верата. Тој страдал многу поради тешкиот умствен труд и физичките болести, како последица на тоа било веројатно неговата слабост да најде и надворешен израз. Но тоа не се случило, зашто тој бил толку уверен во тоа, во што верувал, колку и во сопственото постоење, поради тоа бил исполнет со сила. Ако и сите ангели од небото еден по друг да застанеа пред него, за да го убедуваат во божествената вистина, тој не би им благодарил, затоа што верувал во Бога, без да му биде неопходно сведоштвото од ангелите или луѓето. Тој го сметал словото на Божјото сведоштво за много посигурно од сè што серафимите би можеле да му кажат. Тој човек бил принуден да живее преку својата вера, зашто бил човек со неспокојна душа и единствено верата можела да го успокои. Тие силни бранувања, носеле по себе духовни депресии исполнети со страв, и токму тогаш тој имал потреба од вера во Бога. Ако ја прочитате историјата на неговиот духовен живот ќе откриете, дека понекогаш му било многу тешко да ја зачува својата душа жива. Бидејќи бил човек со страсти како и нашите и полн со недостатоци, на моменти така очајувал, што прилегал на најслабите помеѓу нас; и насобраната мака во него, се заканувала да го пукне неговото големо срце. Но Лутер, како и Жан Калвин, често копнееле за покој на Небото, зашто не им се допаѓала непрестаната борба, во која живееле. Наместо тоа, би се радувале да го пасат во мир Божјето стадо на земјата и потоа, да влезат во Божјата почивка. Тие луѓе или требало да живеат со Бога во света смелост на молитвата со вера, или немало воопшто да можат да заздрават.
Верата на Лутер била здраво заснована во крстот на нашиот Господ и никој не можел да ја расколеба. Тој верувал во простување на гревовите и не допуштал сомневање во себе. Лутер непоколебливо се надевал во Светото Писмо и ги отфрлал сите измислици на свештениците и преданијата на отците. Тој бил уверен во вистинитоста на Евангелието и никогаш не се сомневал, дека тоа ќе победи, дури ако и земјата и пеколот се заверат против него. Кога дошол часот на неговата смрт, неговиот стар непријател го нападнал свирепо, но запрашан дали продолжува да ја држи истата вера, неговото „да” било доволно силно. Не требало воопшто да го прашуваат, требало веќе да го знаат одговорот. И денес вистината, разгласувана од Лутер, продолжува да биде проповедана и ќе продолжи, додека нашиот Господ дојде повторно. Тогаш Светиот град нема да има потреба ниту од светлината на свеќите, ниту од сонцето, зашто Самиот Господ ќе биде светлина на Своите луѓе; но дотогаш ние треба жарко да зрачиме со светлината на Евангелието.
-Содржина-

