За Библијата

Постанок, Преводи на Стариот и Новиот Завет, Прашања, Читање, Проучување ...повеќе

Артикли

Многу луѓе преку историјата и денес се обидуваат да ја оспорат Библијата на еден или на друг начин. Но никогаш не можат да застанат против фактот што Божјиот Збор или Библијата е единствената Книга на светот која може да менува човечки животи. ...повеќе

Библиотека

Основни животни прашања, Христијански пораки и теми, Апологетика, Книги ...повеќе

















ПРЕЗРЕНИТЕ ГО БАРААТ ИСУС

ГЛАВА 2

   „Сите цариници и грешници се приближуваа при Него, за да Го слушаат”(Лук.15:1)

   Најрасипаните и презрени слоеви на општеството го сочинувале кругот на слушатели, застанати најблизу до нашиот Господ. Од тука заклучувам дека Тој беше целосно откриен, дека ја примаше радосно довербата на луѓето, сакајќи тие да имаат заедништво со Него.

   Источните цареви имале обичај да живеат во голема самотија и биле склони да се оградуват со големата сила на својата власт. Дури и за нивните најверни служители било многу тешко да се приближат до нив. Спомнети си за случајот со Естир, која макар што била сопруга на царот Ахасвер, го ризикуваше својот живот, кога се јави пред него, бидејќи имаше заповед никој да не застанува пред царот освен ако не е повикан, и казната за непослушните беше смрт. Но не е така со Царот над царевите. Неговото величие е многу поважно; Неговата личност е далеку подостојна за почит. И покрај тоа човек може да се приближи до Него во секое време без какви и да било препреки. Тој не поставил стражари пред портите на Својот дворец. Вратата на домот на Неговата милост е широко отворена. Над вратата на Неговиот дворец е напишано:”Зашто секој кој моли, добива; кој бара, наоѓа, и на оној кој чука, ќе му се отвори”.(Мат.7:8).

   Дури и денес не е лесно да се доближам до високопоставените. Човек треба да се искачи по многу скалила, за да влезе при сопственикот, кој би му помогнал, откако пред тоа минал низ канцелариите, кои доаѓањето до повисока инстанца го прават исклучително тешко. Возможно е добрите управници да се вистински загрижени за другите, но тие ни ја помнат старата Руска басна за гостолубивиот стопан од едно село. Тој сакал да помогне на сите бедни луѓе, кои чукале на неговбата порта, но во дворот држел одврзани кучиња, кои биле толку големи што никој не смеел да се приближи до прагот, и така неговата лична срдечност не била од полза за никој. Нашиот Господ не е таков.

   Покрај тоа што Господ Исус Христос е повелик и од највеликите, и повозвишен од највозвишените, тој со радост отстранил сe што би можело да го спречи грешникот, на патот до Него, да застане во Неговото присуство. Од Неговата уста нема да чуете закани за тоа, дека сте го нарушиле Неговиот мир, туку ќе чуете стотици покани да дојдете сосем близу. Исус нe прима не од време на време, туку во секое време, и не само неколкумина избрани, туку сите, чии срца Светиот Дух ги исполнил со желба да влезат во Неговото невидливо присуство.

   Филозофите најповеќе од сe сакале да живеат во голема самотија. Тие сметале дека нивното учење е толку возвишено, што не може да биде слушано од обичните луѓе. Нивната потценувачка девиза гласела: ”Бегајте од тука вие непросветени.” Тие стоеле на високото скалило од нивната вообразена големина и од време на време ќе кажеле некоја мисла за толпата под себе. Никогаш не зборувале одблизу со луѓето, бидејќи сметале дека е бесполезно да ја распространуваат својата филозофија помеѓу народот. Еден од најголемите филозофи над вратата напишал:” Никој, незапознаен со геометријата да не влегува тука”. Но нашиот Господ, во споредба со Кого сите се глупаци, Кој всушност е Божјата премудрост, никогаш не изгони дури ни еден грешник поради незнаењето, никогаш не ги изгони тие кои Го бараа, зашто се непросветени и необразувани, и никогаш не допушти некоја жедна душа да биде прогонета од кристалниот извор на божествената вистина. Секој Негов збор беше како дијамант, ценет како бисер, но за Него немаше ништо попријатно од тоа да зборува со обичните луѓе и да ги учи за Божјото царство.

   За нашиот Господ се вели дека е Посредник меѓу Бога и човекот. Тоа веднаш ни покажува дека секој може лесно да дојде при Него. Посредникот не е посредник само за едната страна-тој треба да биде близок со двете страни меѓу кои посредува. Ако Исус Христос е совршениот Посредник меѓу Бога и човекот, потребно е да може да се приближи толку близу до Бога, Бог да Го нарече Свој пријател, и после тоа да се приближи толку до човекот, да не се срами да го нарече Свој брат. Точно таков е нашиот Господ.

   Размислете за тоа, вие кои се плашите од Исус. Тој е посредник, при Кого може да отидете. Скалата на Јаков се простираше од земјата до небото, но ако тој беше одсекол неколку од долните скалила, каква ќе беше ползата од неа? Кој ќе успееше да се искачи, за да стигне до Божјиот рид? Исус Христос е патот меѓу небото и земјата, но ако Тој не се допре до смртниот човек, кој доаѓа при Него, како ќе биде корисен за човечките синови? Вие навистина имате потреба од посредник меѓу вашата душа и Бога. Не мислете дека можете да се јавите пред Бога без посредник; но од посредник помеѓу вас и Христос немате потреба. Неопходно е да поседувате една специјална карактеристика, за да застанете пред Бога. Не можете да се исправите пред Него, ако не сте совршено праведен; но за да дојдете при Исус, тоа не е потребно, зашто како Посредник Тој ја поседува во Себе целата праведност и совршенство, од кои имате потреба, и спремен е да ви ги подари. Можете да отидете при Него уште сега; Тој ве чека, за да ве помири со Бога преку Својата крв.

   Друга служба на Христос е таа на Свештеник. Во последно време, зборот „свештеник” смрди многу непријатно; но според Светото Писмо тоа е навистина вдахновениот збор. Нејзиното значење не е гиздаво облечен надувенко кој стои одделно од обичните луѓе и замислува, дека има право да дава опростување на човечкиот грев. Вистинскиот свештеник беше вистински брат на сите луѓе. Во целиот Израелски логор, немаше друг човек да се држи така пријателски како Арон. Всушност Арон и свештениците после него беа толку близу до луѓето како Божји посредници, така што кога некој лепрозен се објавеше за нечист, и беше отфрлен од секого, последен го допираше свештеникот. Можеше да има лепра во нечиј дом, но свештеникот влегуваше во него; можеше некој да е лепрозен, покрај тоа свештеникот разговараше со него и го прегледуваше; и ако после тоа тој болен се исцелеше, првиот со кој се среќаваше беше свештеникот. „Оди и покажи се на свештеникот” беше заповедта за секој лепрозен кој се исцелил; и доколку свештеникот не воспоставеше контакт со него и не посведочеше дека тој човек е здрав, не можеше да биде примен во логорот на Евреите.

   Свештеникот беше вистински брат на луѓето, избран помеѓу нив , на располагање во секое време; живеел сред нив, во самиот центар на логорот, подготвен да се застапи за грешните и ожалостените. Еве зошто вие никогаш не треба да се сомневате, дали Исус совршено ја исполнува службата на свештеник, зашто тоа е неоспорена вистина. Тој е најблизу до бедниот грешник, западнат во очајание, кој може да биде искупен единствено преку жртвопринесување; од бесрамната блудница, изгонета надвор од логорот, која може да биде очистена единствено преку крвта; до несреќниот крадец, осуден да ја издржи казната за своите престапи, кого единствено Великиот Првосвештеник може да го помилува. Едвај ли некој друг освен Исус би се допрел до тебе, о беден несреќниче. Може заради своите престапи и да си основано отфрлен од целото општество, но не можеш да бидеш одделен од Великиот Пријател на грешниците, Кој и сега копнее тие да се приближат до Него.

   И како трета служба да спомнам дека Господ Исус е нашиот Спасител. Но не гледам како Тој може да биде Спасител, ако не е близу до луѓето, кои имаат потреба од избавување. Свештеникот и левитот поминаа од другата страна на патот за Ерихон, кога го видоа човекот што лежеше на патот облеан во крв. Тие не беа спасители, ниту можеа да бидат. Тој беше Спасителот, Кој отиде при него, се наведна, зеде вино и масло и ги излеа врз раните, го подигна со љубов, го качи врз добичето и го одведе во гостилницата. Тој е вистинскиот Спасител, и драг мој грешниче, Исус Христос ќе дојде точно таму, каде што си, и лошиот изглед на твоите рани од гревот, нема да го одврати од тебе. Неговата љубов ќе одолее на ужасната смрдеа на твоето безбожништво, зашто Тој може и сака да спасува луѓе како тебе. Би можел да спомнам уште многу други служби на Христос, но тие три се доволни. И ако Духот го благослови кажаното сигурно ќе познаете дека, не е тешко да се стигне до Исус.

„Совети за оние што трагаат по Вистината" - Глава 2
-Содржина-
Крај