Постанок, Преводи на Стариот и Новиот Завет, Прашања, Читање, Проучување ...повеќе
Многу луѓе преку историјата и денес се обидуваат да ја оспорат Библијата на еден или на друг начин. Но никогаш не можат да застанат против фактот што Божјиот Збор или Библијата е единствената Книга на светот која може да менува човечки животи. ...повеќе
Основни животни прашања, Христијански пораки и теми, Апологетика, Книги ...повеќе
БИТИЕ - ПРВА КНИГА МОЈСЕЕВА
| ||||
|
1 Аврамовата жена Сара не му роди деца. А имаше слугинка Египетка, по име Агара. 2 И Сара му рече на Аврама: „Гледаш, Господ ме направи неплодна. Влези кај мојата слугинка, можеби ќе добијам деца.” Аврам ги послуша Сарините зборови. 3 И така, откако Аврам престојуваше десет години во Ханаанската Земја, неговата жена Сара ја зеде Агара, Египетката, нејзина слугинка, и му ја даде на својот маж Аврам за сопруга. 4 Тој влезе кај Агара и таа зачна. А кога виде дека зачна, гледаше со презирање врз својата господарка. 5 Тогаш Сара му рече на Аврама: „Неправдата што ми се нанесува е твоја вина! Ти ја дадов мојата слугинка во твоите прегратки, но таа откако забележа дека зачна, ме гледа со презир. Господ нека биде судија меѓу нас!” 6 Тогаш Аврам и одговори на Сара: „Ете, твојата слугинка е во твоја рака: постапи со неа како што сакаш.” Сара се однесуваше со неа толку лошо што таа избега од неа. 7 Господов ангел ја најде во пустината, при изворот - на патот кон Сур - 8 и ја праша: „Агаро, Сарина слугинко, откаде доаѓаш и каде одиш?” А таа одговори: „Еве, бегам од својата господарка Сара.” 9 А Господовиот ангел и рече: „Врати се кај господарката твоја и покори и се под нејзините раце! 10 Ангелот Господен уште и рече: „Ќе го умножам мошне твоето потомство; не ќе може да биде избројано поради множеството.” 11 Натаму Господовиот ангел и рече: „Ете, ти си бремена и ќе родиш син. Дај му име Исмаил (Кого Бог Го Слуша), зашто Господ ја чу твојата мака. 12 Тој ќе биде како диво осле: неговата рака ќе се крева на секого, и сечија рака на него; и тој ќе живее, во близина на сите свои браќа.” 13 Таа Го нарече Господа, Кој и зборуваше: „Ти Си Сè видечки Бог (Ел Рои), зашто - таа рече - „Го видов Бога и после видувањето останав жива!” 14 Затоа изворот се вика Вир-Лахај-Рои - Кладенец на Животворниот Сè видечки Бог; а ене го меѓу Кадис и Варад. 15 Агара му роди син на Аврама, а Аврам му даде име Исмаил, на синот што му го роди Агара. 16 Аврам имаше осумдесет и шест години кога Агара му го роди Исмаила.
| ||||
| ||||