Постанок, Преводи на Стариот и Новиот Завет, Прашања, Читање, Проучување ...повеќе
Многу луѓе преку историјата и денес се обидуваат да ја оспорат Библијата на еден или на друг начин. Но никогаш не можат да застанат против фактот што Божјиот Збор или Библијата е единствената Книга на светот која може да менува човечки животи. ...повеќе
Основни животни прашања, Христијански пораки и теми, Апологетика, Книги ...повеќе
БИТИЕ - ПРВА КНИГА МОЈСЕЕВА
| ||||
|
1 Во почеток Бог ги создаде небото и земјата. 2 Земјата беше пуста и празна; темнината се простираше над бездната, и Божјиот Дух се движеше над водите. 3 И Бог рече: „Нека биде светлина!” И бидна светлина. 4 И Бог виде дека светлината е добра; и Бог ја оддели светлината од темнината. 5 Бог ја нарече светлината ден, а темнината ја нарече ноќ. И бидна вечер, па утро - прв ден. 6 И Бог рече: „Нека биде свод среде водите, да ги дели водите од води!” 7 Бог направи свод, и ги оддели водите под сводот од водите над сводот. И бидна така. 8 А Бог го нарече сводот небо. И бидна вечер, па утро - втор ден. 9 И Бог рече: „Нека се соберат на едно место водите под небото, и нека се покаже копно!” И бидна така. 10 Бог го нарече копното земја, а собраните води мориња. И Бог виде дека е добро. 11 И Бог рече: „Нека изникне земјата со зеленило - со семеносна трева, со плодоносно дрво, кое - секое според својот вид - ќе донесува на земјата плод, што го носи своето семе во себе!” И бидна така. 12 И никна од земјата зеленило, трева што се осеменува, секоја според својот вид, и плодоносно дрво што раѓа плод, што го носи своето семе во себе, според својот вид. И Бог виде дека е добро. 13 И бидна вечер, па утро - трет ден. 14 И Бог рече: „Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините, 15 и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!” И бидна така. 16 И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта - и ѕвездите. 17 И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата, 18 да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро. 19 И бидна вечер, па утро - четврти ден. 20 И Бог рече: „Нека обилуваат водите со живи суштества; и птици нека летнат над земјата, по небесниот свод!” 21 Бог создаде морски чудовишта и секакви живи суштества, што ползат и се движат по водите и крилати птици од секаков вид. И Бог виде дека е добро. 22 И ги благослови Бог - велејќи: „Плодете се и множете се и наполнете ги морските води! И птиците нека се размножат по земјата!” 23 И бидна вечер, па утро - петти ден. 24 И Бог рече: „Земјата нека произведе живи суштества, секое според неговиот вид: добиток, лазачи и земни ѕверови според нивниот вид!” И бидна така. 25 И Бог направи земни ѕверови според нивниот вид, и добиток според неговиот вид, и сите лазачи на земјата според нивниот вид. И Бог виде дека е добро. 26 И Бог рече: „Да направиме човек во Нашиот лик, според Нашата сличност, и нека владеат над морските риби, над небесните птици и над добитокот - над сета земја - и над сите лазачи што ползат по земјата!” 27 Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско. 28 И Бог ги благослови и им рече Бог: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата!” 29 И Бог рече: „Еве, ви ги давам сите треви, што се осеменуваат, по целата земја, и секое плодоносно дрво, што го носи своето семе во себе: нека ви биде за храна! 30 А на сите ѕверови земни и на сите птици во воздухот и на сите лазачи што ползат по земјата, во кои е здивот на животот - нека им е за храна сето зелено билје!” И бидна така. 31 И Бог виде сè што направи, и ете, беше многу добро. И бидна вечер, па утро - шести ден.
| ||||
| ||||